Солунска Глава
Солунска Глава
Алпинистички Локалитет
Солунска глава е најмаркантниот алпинистички објект, сместен во централниот дел на земјата, на планината Јакупица.
Солунска глава всушност преставува врв на планината Јакупица со надморска височина 2540 м. Алпинистички објект е јужната страна на врвот која преставува еден амфитеатар со широчина од околу 5 км. и височина од 500 до 1000м. На јужната карпа на Солунска Глава се разликуваат два дела : еден помасивен и покомпактен свртен кон југозапад и другиот свртен кон југоисток.
Должината на карпата изнесува од 250 до 700 метри. По состав е варовник со кршливост која што варира во различни делови од истата. На карпата има околу дваесетина алпинистички насоки со могу слаба заштита in situ. Најголемите проблеми во оваа огромна карпа се уште го чекаат своето реализирање.
На Солунска Глава може да искачуваат само добро подготвени алпинисти, заради тоа што карпата има комплициран приод по еден див и непристапен кулоар во време од 3 до 5 часа од најблискиот планинарски дом. Симнувањето од карпата е по лесен планински терен за околу 2 до 3 часа до домот Чеплез.
Со целиот амбиент, квалитетот на искачувањата, приодот и слегувањето од карпата, Солунска Глава во голема мерка потсетува на карпите од долината Тамар или Северната Триглавска карпа во Словенија.
Приод. Најдобра појдовна точка за карпата е планинарскиот дом Чеплез кој се наоѓа на надморска височина од 1445м, а до кого се доаѓа по лош автомобилски пат од населбата Богомила (50 км југозападно од Титов Велес), преку селото Нежилово или пак преку селото Папрадиште. Со возило по патот до домот се стигнува за околу 1 час од Богомила.
Пешки, до домот се стигнува : со воз до станицата Орешје (првата станица после Богомила) а од таму по маркиран пат за селото Нежилово, а потоа по маркирана планинарска патека до домот Чеплез. Време на приодот околу 3 до 4 часа.
Најдобро сместување е во планинарскиот дом Чеплез, кој има капацитет од околу 50 легла и е отворен во текот на целата година.
Приодот од планинарскиот дом Чеплез до карпата не е едноставен но дополнителни инструкции можат да се добијат кај домарот.
Приодот води преку изворот на реката Бабуна, а потоа по централниот кањон над изворот по мошне див предел, совладувајки тежини од II до III степен, се стигнува во дното на амфитеатарот под карпата.
Најдобар период за качување е од почетокот на Јуни до крајот на Септември. Карпата се карактеризира со своја микро клима и чести врнежи. Температурите во летниот период се соодветни на големата надморска височина.



