Aлпинистички Собири

Извештај за алпинистички собир на Остра Карпа, Селечка Планина, Прилеп.

23-24 Мај 2009

Во деновите сабота и недела, 23-24 Мај 2009, се одржа алпинистички собир на локалитетот Остра Kарпа на Селечка Планина, во близина на Прилеп.
Овој собир беше наменет за понапредни алпинисти кои можат да качуваат во необезбедени насоки. Во близина на Остра Карпа се наоѓа и карпата Стогот, на која на овој собир не беше качувано. На собирот присуствуваа алпинисти од клубовите АК „Матка“ - Скопје,  АК „Плоча“ - Радовиш, АК „Астрајон“ - Штип, АК „Апекс“ - Охрид и ПСК „Златоврв“ - Прилеп.
За повеќето од  нас ова беше прво качување во овој локалитет и сите беа задоволни од локалитетот. Покрај тоа, повеќето присутни алпинисти за прв пат качуваа на гранитна подлога. Инаку насоките на овој локалитет се релативно слабо обезбедени ин ситу, но карпата нуди одлични можности за поставување на осигурувања со френдови и чокови. Исто така, беше направена мала акција за чистење на пристапната патека до насоките. Направивме ново сидриште кое служи и како сидриште за абзел на крајот на третата должина на насоката Верда Стела. Вториот ден беше качена нова, првенствена насока, „Радовишки Директ“ од страна на Зоран Мајсторски и Гоце Јовановски од АК „Плоча“ – Радовиш, која започнува десно од насоката Мајсторо. Поконкретни информации и опис на насоката ќе објавиме наскоро. Во недела не посетија Христо Белокапоски и Јове Белокапоски од ПСК „Златоврв“ – Прилеп. Христо Белокапоски, алпинист кој доста има качувано во овој локалитет ни ги покажа насоките во овој локалитет, некои вежбалишта, а потоа беше направена и кратка тура до платото над локалитет, на кое во минатите години се поставувале шатори за време на собирите. Поради неодложни обврски повеќето алпинисти беа принудени да си заминат, што се покажа добро со оглед на дождот кој започна во неделата попладне. Така овој собир заврши малку порано од предвиденото. Сепак си поставуваме за цел, да не го запоставуваме бесправно овој локалитет, кој по многу нешта е единствен во Македонија, и да работиме на негово одржување и популаризирање, бидејќи Остра Карпа и Стогот го заслужуваат тоа.

Искачени алпинистички насоки на ден сабота, 23 Мај 2009:

Зоран Мајсторски – Гоце Јовановски: Верда Стела
Бобан Стојанов – Жикица Ивановски: Верда Стела
Зоран Мајсторски – Гоце Јовановски: Мајсторо
Нинослав Станковиќ – Наум Митрески: Верда Стела
Зоран Мајсторски – Гоце Јовановски: Камински
Ристе Калинов – Димитри Димитров: Мајсторо
Жикица Ивановски – Никола Андоноски: Верда Стела

Искачени алпинистички насоки на ден недела, 24 Мај 2009:

Зоран Мајсторски – Гоце Јовановски:
Радовишки Директ (првенствена)

Бобан Стојанов – Жикица Ивановски: Мајсторо
Никола Андоноски – Наум Митрески: Верда Стела
Ристе Калинов – Димитри Димитров: Верда Стела



ОСТРА КАРПА - Алпинистички собир 23 - 25 Мај 2009 година.

Алпинистички Собир

Во викендот што доаѓа ќе се одржи собир во алпинистичкиот локалитет Остра Карпа на Селечка Планина крај Прилеп.
Собирот ќе започне на 23 Мај во Сабота и ќе трае до 25 Мај во Понеделник. Заради неработниот Понеделник ќе имаме продолжен викенд и можност за повеќе качување.

Сместувањето ќе биде во шатори на ливадите над селото Прилепец кои се одалечени на 20 минути пешачење од селото. Во близина на местото за логор има поток од кој може да се користи техничка вода, а во селото има чешма со убава вода за пиење.
Приодот до карпата од местото на логорот е по планинарска патека, малку подобрасната - но се надеваме дека за време на собирот ќе ја средиме, за време од околу еден час.

До селото Прилепец се стигнува по земјен пат по кој можат да се движат и обични возила. Патот за Прилепец се издвојува на самиот влез во Прилеп (влезот од патот Прилеп - Битола).

Алпинистички насоки главно се поставени во два алпинистички објекти и тоа Стогот и Остра Карпа. Поголемиот дел од насоките се наоѓаат на Остра Карпа. Тежината на насоките варира од III до VII по UIAA, а опременоста со осигурување "in situ" е скромна, меѓутоа карпата дава одлични можности за осигурување со чокови и френдови, како и за поставување по некој клин. Квалитетот на гранитот е одличен а експонираноста дава чувство како да сте во некој од светски познатите локалитети - поточно чувството е како да сте на Остра Карпа, бидејки ние ќе го направиме овој локалитет и пошироката околина да бидат светска дестинација.

На собирот се препорачува учество само на напреднати алпинисти кои можат комотно да качуваат барем како втори во недоволно опремени насоки. Меѓутоа за секој што ќе дојде на собирот ќе има место каде да качува и да ужива во качувањето.

Дополнителни информации за собирот можете да добиете кај одговорното лице на МАА за алпинистички собири - Зоран Мајсторски 070/550 058.

Се гледаме на Остра Карпа.

Костантин Циривири,
Претседател на Македонската Алпинистичка Асоцијација



АЛПИНИСТИЧКА СРЕДБА НА МАТКА по повод меморијалот Васил Франговски и јубилејот 20 години од искачувањето на Еверест

10.05.2009

Македонската алпинистичка асоцијација како и сите години претходно и оваа година, во првиот викенд од месец Мај го организираше традиционалниот алпинистички собир на Матка.

Собирот се организира во чест на македонските алпинисти Васил Франговски и Димитар Илиевски - Мурато, во знак на почит кон ликот на овие алпинисти и почит кон денот кога е искачен највисокиот врв на светот од страна на МАХЕ „Еверест 89“ - 10 Мај 1989 година.

Со оглед на тоа што во рамките на главното чествување за Диме и искачувањето на Еверест, кое традиционално се одржува на Пелистер, не се изведуваат алпинистички активности, и заради тоа што датумот се поклопува со традиционалниот меморијал за Васил Франговски, и оваа година како и претходните, беа организирани алпинистички активности на Матка во чест на македонските алпинисти и достигнувањето на Еверест.

Македонските алпинисти преку искачувања и записи во спомен книгите на Матка го искажаа својот респект кон нашата алпинистичка историја.

Во оваа прилика мораме да напоменеме дека Македонската алпинистичка асоцијација го искажа својот респект кон ликот и достигнувањето на Диме и со тоа што беше иницијатор и главен промотор на идејата за доделување државно одликување за Диме, како и главен промотор за доделувањето на паричното признание од страна на Агенцијата за млади и спорт. За ставовите на луѓето кои ја водат асоцијацијата и нивните намери најдобро говорат постапките и резултатите - ние во рамките на нашите можности и со помош на ФПСМ, направивме најдобро што можевме. Поголем доказ за чествување од тоа нема.

И покрај обидите да се девалвира сегашноста на македонскиот алпинизам, инсталирајки непотребни проблеми и евтина манипулација со луѓе кои имаат проблем со својот идентитет, вредносниот систем на алпинистите не може ниту да се измени, ниту да биде предмет на манипулации - ние го почитуваме нашето алпинистичко минато, се гордееме со сите претходни алпинистички генерации и со нивните достигнувања, а тоа на најдобар начин го покажуваме преку конкретни постапки.

14.05.2009 година.

Костантин Циривири,

Претседател на Македонската Алпинистичка Асоцијација