МАА Новости

Алпинистите на АК „Матка“ на СNN

За прв пат во Македонија.

Алпинистите ќе привлекуваат туристи во Македонија. На вториот рекламен спот за презентирање на земјава како привлечна туристичка дестинација „Вечна Македонија“ алпинистите на АК Матка Крунослав Аџиевски - Круно и Ристе Калинов со неколку сочни движења на насоката ....... ги канат странските алпинисти во Македонија. 

На спотот кој е во режија на Игор Иванов Изи на неколку секунди се појавува Круно додека искачува насока на Матка, а Ристе е на сидриштето и го обезбедува. Според Круно и Ристе снимањето на овој кадар траело околу 3 часа. Камерата кружи околу Круно, што го прави самиот кадар прв од ваков вид направен од било кое искачување досега во земјава.  

Самото покажување на алпинистите покрај природните убавини на спотот кој трае минута и петнаесет секунди и нивното сместување меѓу првите пет активности кои треба да ги привлечат странските посетители во земјава значи многу за статусот кој го добива алпинизмот.  

Се надеваме дека спотот ќе донесе добар број на алпинисти од странство со кои ќе можеме заедно да искачуваме, соработуваме и разменуваме искуства.  

На Круно и Ристе им посакуваме голема и долга манекенска кариера на глобалните светски телевиски мрежи.  

Јане Димески


АЛПИНИСТИЧКИ НОВОСТИ ОД СВЕТОТ

За да ги одмориме љубителите на алпинизмот и планинарството од информациите за ‘‘достигнувањата‘‘ од македонската алпинистичка и качувачка сцена, во продолжение ќе презентираме неколку информации од светот, за да не заборавиме каде се наоѓаме и во која насока треба да се движиме.

24.05.2009

Искачување на Fitz Roy, Patagonia од страна на словенечките водачи во планина Урбан Ажман и Борис Лоренчич.

Словенечките алпинисти, инаку професионални водачи во планина, во Јануари оваа година направија повторување на насоката Via del Tehuelche во Северната страна на Fitz Roy.
Станува збор за тешка насока - 6b+/A2, 1300 метри, која за прв пат е качена во 1986 година од страна на италијанска експедиција предводена од Marco Sterni. Поточно насоката при качувањето во 1986 година е искачена до 100 метри под врвот, каде што качувањето е прекинато заради лошо време. Италијаните во 1986 година качуваа во експедициски стил.
Првото комплетно искачување по оваа насока е направено една деценија покасно од страна на Rolando Garibotti и Doug Byerly во алпски стил за време од два дена.
Ажман и Лоренчич ја искачиле насоката исто така за два дена, на 12 и 13 Јануари 2009 година.

 Првенствени искачувања во долината Piritas, Rio Turbio, Patagonia.

Во Февруари оваа година американските алпинисти Josh Beckner, Jared Spaulding и Dave Anderson искачија првенствена насока на врвот Pirita Right во аргентинска Патагонија. Насоката е именувана  Voces en la Noche и има тежина V 5.11 A0.
Во истото време и во истата долина, тим на канадски алпинисти - Paul McSorely, Will Stanhope и  Andrew Querner, направиле првенствено искачување на врвот Pirita Central кое го именувале Todos los Caballos Lindos кое е со тежина од 5.11-. Насоките се со должина од околу 700 метри.

Прво искачување на Ice Pyramid во Аљаска од страна на Clint Helander и Seth Holden.

Овој месец, Мај 2009 година, Clint Helander и Seth Holden го направија првото искачување на Ice Pyramid (висок околу 2800 метри) во Revelation Mountains регионот кој се наоѓа во Југозападниот дел на Аљаска.
Врвот е искачен по Југозападниот гребен, и за искачувњето и повторното враќање во подножјето на планината каде што го имале поставено логорот, им биле потребни  четири дена. Ова е нивен втор обид за качување на овој врв. Првиот обид го имале во 2008 година, кога искачиле 18 должини по истата насока, но биле принудени да се вратат. Во 2008 со нив бил и Steve Sinor. Не за бадијала е кажано дека враќањето од некоја насока/врв е моментот кога насоката не „заробува“ и станува еден вид опсесија.

Британските алпинисти Jon Bracey и Matt Helliker искачиле две нови насоки на Аљаска во регионот на Ruth Gorge.

Стабилното време и одличните услови во мразот им овозможиле на британските алпинисти Bracey и Helliker да искачат две нови и многу тешки насоки во регионот Ruth Gorge на Аљаска, за релативно кратко време од само две седмици. Искачувањата се направени на 10 и 15 Мај 2009 година.
Првото искачување направено на 10 Мај резултирало со нова насока наречена Meltdown (1,300m, ED3 V M6 R), а при второто качување на15 Мај, првенствено ја искачиле насоката For Whom the Bell Tolls (1,150m, ED2 V WI6 and mixed). Добар назив за состојбите во македонскиот алпинизам.

Првенствено искачување на врвот Point 6.134 m во Sichuan, Кина.

Руските алпинисти Михаил Михаилов и Александар Ручкин направиле првенствено искачување на досега неискачениот врв  Point 6.134, висок исто толку метри,  во Sichuan, Кина.

Насоката по која е искачен врвот е долга 1000 метри и истата е качена со пет биваци. Инаку првичната намера на Русите била да се искачат по првенствена насока во Југоисточната страна на врвот East Gongga, висок 6.618 метри, меѓутоа заради лошото време стигнале до 5.500 метри и биле принудени на измени во планот.

Американските алпинисти David Gottlieb и Joe Puryear направиле првенствено искачување на врвот Jobo Rinjang (6,778 метри), Непал, на границата со Тибет.

Врвот е искачен преку директна насока низ 1,700 метри високата Јужна Страна на масивот Lunag, искачувајки се на сателитскиот врв Jobo Rinjang висок 6,778 метри. Искачувањето е направено од 21 до 24 Април 2009 година.
И кај нив, како и во претходниот случај, првичната намера била да се искачи врвот Lunag I (6,895 метри), меѓутоа после анализата направена под самата планина, донеле заклучок дека првичната идеја е премногу ризична, заради што се одлучиле за Jobo Rinjang, сателитски врв во масивот Lunag.

Денис Урубко се искачи на Cho Oyu.

Казахстанскиот алпинист Денис Урубко во придружба со Борис Дедешко, исто така од Казахстан, се искачи на Cho Oyu, последниот од четиринаесете врвови повисоки од 8000 метри, што му недостасуваше во неговата „колкеција 14 х 8.000“. Врвот е искачен по првенствена насока во многу тешката Југоисточна страна на Cho Oyu висока 2.800 метри.
Инаку, оваа страна на планината важи за еден од најголемите хималајски проблеми и претходно повеќе пати беше цел на врвните алпинисти од светот, меѓудругото имаше и планови за соло искачувања од Томаж Хумар и своевремено од Томо Чесен.
Југоисточната страна на Cho Oyu за прва пат е искачена во 1978 година од австриски тим, а во 1985 година полска експедиција направи зимско искачување.

Неуспешен обид на швајцарскиот алпинист Ueli Steck за слободно качување на Golden Gate на El Capiten.

Ueli Steck не успеа во својот обид за слободно качување на насоката Golden Gate на El Capiten со тежина од 5.13.b, долга 41 јажева должина. Steck успеал да ја качи на onsight целата насока со исклучок на само еден дел - пукнатина со релативно мала тежина - 5.11.с, пред самиот врв на Капитен. Причина за паѓањето било подлизнување на влажна карпа и секако, барем според него, намалената концентрација.
Инаку за време на качувањето Ueli Steck бил придружуван (и осигуруван) од неговата млада (нова) сопруга Nicole Steck. Известувачите велат дека новата Госпоѓа Steck не била почестена со меден месец. Можеби затоа и се подлизнал.

Маркантни искачувања на браќата Riegler во Доломитите.

За време на католичките велигденски празници во Април оваа година, браќата Florian и Martin Riegler направија две забележливи искачувања.
На 7 Април тие изведоа прво on-sight искачување на насоката  "Karies" (7с, 300 метри) на врвот  Sassolungo, а на 11 Април слободно искачување на насоката ‘‘Zauberlehrling‘‘ (7с, 750 метри) на Cima Scotoni. Тешки искачувања на крајот на зимската сезона. 

 Toni Lamprecht искачи насока со тежина 5.15.

Германскиот качувач Toni Lamprecht ја искачи насоката Jaws 11 оценета со тежина 5.15. (9 по француската скала) што се наоѓа во качувачкиот локалитет Kochel во јужниот дел на Германија. Проектот е стар 15 години, кога се поставени експанзионите клинови во насоката, меѓутоа неговите сериозни обиди за качување на насоката започнуваат во есента 2009 година.
Спортско, алпинистичко, традиционално, конзервативно, чисто, нечисто..., како сакате наречето го, меѓутоа, тоа е импресивно достигнување.

 Maurizio Manolo Zanolla ја качи спортската насока Thin Ice - 8с, во качувачкиот локалитет Terlago.

На 25 Април оваа година италијанскиот алпинист Maurizio Manolo Zanolla ја качи спортската насока Thin Ice - 8с, во качувачкиот локалитет Terlago во Италија.
Manolo или како уште го викаат ‘‘магионичарот‘‘, со ова искачување покажа дека и во 51 година од животот може да се биде квалитетен качувач.
Претходно, во Јануари 2008 година, Manolo ја искачи насоката Bimbaluna 9a/9a+ во локалитетот Saint Loup во Швајцарија.
Инаку Manolo е all round качувач со високи достигнувања во сите алпинистички и качувачки специјалности.

К. Ц.
Претседател на Македонската Алпинистичка Асоцијација


Состанок на Македонската Алпинистичка Асоцијација

10.05.2009 МАТКА

За време на алпинистичкиот собир на Матка кој се одржа на 9 и 10 Мај 2009 година, се одржа состанок на преставниците на алпинистичките клубови на Македонската алпинистичка асоцијација.

На состанокот беа утврдени неколку генерални правци за работа на асоцијацијата во наредниот период, а беше дефинирана и нова организациска структура на управниот одбор на асоцијацијата.
За членови на УО на МАА избрани се следниве алпинисти:

1. Костантин Циривири
2. Крунослав Аџиевски
3. Борче Манев
4. Антонио Додевски
5. Ристе Калинов
6. Зоран Мајсторски
7. Александар Дончев
8. Бобан Стојанов
9. Мирослав Ристовски

За Претседател на Македонската алпинистичка асоцијација е избран  Костантин Циривири.
Одговорно лице за едукација на кадри и полагање испити ќе биде Антонио Додевски.
Одговорно лице за планирање и организирање на алпинистичките собири ќе биде Зоран Мајсторски.
Одговорно лице за одржување на алпинистичките локалитети ќе биде Бобан Стојанов.
Лице задолжено за маркетинг ќе биде Александар Дончев.
Лице задолжено за администрација ќе биде Ристе Калинов.

Мандатот на работните тела изнесува четири години.

На состанокот беше завземен едногласен став од страна на сите членови на УО дека главен акцент на активностите на МАА и во наредниот период треба да биде ставен на обучување на млади кадри и омасовување на спортот. И покрај тоа што цената на ваквата стратегија за работа е многу висока, бидејки се занемаруваат квалитетните алпинистички искачувања, неопходно е да се продолжи со работа во правец на анимирање и едукација, бидејки без нови и обучени луѓе спортот нема да има никаква перспектива. Ставањето во функција на алпинистичкото училиште на МАА ќе обезбеди некаков баланс помеѓу грижата за новите алпинисти и квалитетните алпинистички искачувања.

Нов момент во организациската структура на асоцијацијата е тимот за маркетиншкото делување, област која во изминатиот период беше целосно запоставена и кое што доведе до значително намалување на популарноста на МАА, оставајки простор за изолирани алпинисти кои делуваат надвор од системот на асоцијацијата, со просечни по квалитет искачувања, да се наметнуваат во јавноста како промотори на врвните алпинистички достигања. Тоа е лошо пред се за целокупната алпинистичка клима во земјава, посебно за почетниците во алпинизмот, а не само за асоцијацијата. Се надеваме дека со спроведување на добра стратегија за објективно информирање и едуцирање за стандардите на квалитетниот алпинизам, во иднина пропустите ќе бидат поправени, за општо добро.

На состанокот се дискутираше и околу распоредот и организирањето на алпинистичките собири во наредниот период. Договорено е првиот нареден собир да се одржи во деновите од празничниот викенд 23 - 25 Мај на алпинистичкиот локалитет Остра Карпа крај Прилеп, и за време на истиот да се направи план и распоред за алпинистичките табори во наредниот тримесечен период.

Тема на дискусија беше и организирање акции надвор од нашата земја, при што е договорено да се организираат две алпинистички акции, по една за напредни алпинисти и една за алпинисти почетници.

Акцијата за почетнците, доколку биде се во ред со финансиската конструкција, планирана е да се реализира во две етапи во Маљовица и Јулиските Алпи.

Акцијата за напредните алпинисти би се одвивала во Централните Алпи, при што акцент ќе биде ставен на искачувањата на сува карпа. Како цели за оваа категорија алпинисти во оптек се Petit Dru и Piz Badile, како и некои локалитети во Доломитите. Дефинитивниот распоред на активностите кои се предвидени за ова лето ќе биде донесен во текот на месец Јуни, кога ќе има подобри согледувања за нивото на подготвеност на алпинистите, како и информации за заокружување на финансиската конструкција на акцијата.
Во врска со уредувањето на алпинистичките локалитети, беше донесен заклучок да се работи паралелно на четири локалитети и тоа Матка, Демир Капија, Остра Карпа и Солунска Глава. Карактерот на уредувањата ќе биде различен во секој од локалитетите. Пред почетокот на летото главните активности ќе бидат насочени кон  Солунска Глава, за да се прилагоди карпата за качување на почетници.

На состанокот беше донесен заклучок да се продолжи со работа во рамките на алпинистичкото училиште организирано од МАА според програма која ќе одговара на степенот на подготвеност на кандидатите и поставената цел за ова лето, а тоа е оспособување на алпинистите почетници за качување „како втори“ во првенствени насоки и во недоволно уредени алпинистички локалитети.

Во врска со организациската структура на алпинистичката асоцијација завземен е став да се придржуваме кон препораките и заклучоците усвоени на состанокот на преставниците на спортовите во ФПСМ, за дефинирање на организациската структура во секој спорт согласно со одредбите од Законот за спорт.

Наредниот состанок на УО на МАА ќе се одржи за време на алпинистичкиот собир на Остра Карпа, на Селечка Планина крај Прилеп.


Македонска Алпинистичка Асоцијација

За и околу самата асоцијација

Македонската алпинистичка асоцијација е највисока форма на организирање на алпинизмот во Република Македонија. Асоцијацијата ја сочинуваат друштвата, клубовите и секциите кои се занимаваат со алпинизам. Основна цел на асоцијацијата е омасовување и развивање на алпинистичката активност во Македонија, преку едуцирање алпинистички кадар, уредување алпинистички локалитети, издавање стручна литература, организирање врвни алпинистички акции и насочување на организациските активности во алпинизмот.

Почетоците на постоењето на Македонската алпинистичка асоцијација како организациска форма на македонскиот алпинизам, датираат од крајот на шеесетите години кога со формирањето на првото алпинистичко друштво во Република Македонија - друштвото МАТКА, при тогашниот Планинарски сојуз на Македонија се формира Комисијата за Алпинизам.

Во почетокот на осумдесетите години од минатиот век, со започнувањето на првата програма за македонски алпинистички експедиции, комисијата е преименувана во Комисија за алпинизам и експедиции.

    Овој назив и оваа организациска форма се во функција се до 1996 година, кога со одлука на Претседателството на тогашната Комисија, за време на еден алпинистички собир во локалитетот Матка, е формирана Македонската Алпинистичка Асоцијација. Новоформираната алпинистичка асоцијација беше логичен континуитет на претходната комисија за алпинизам, со тоа што беа направени некои структурни промени со цел да се овозможи нејзино поефикасно функционирање во рамките на постоечкиот Сојуз на планинарските спортови, како и со цел да се одговори на новите предизвици што стоеја пред македонскиот алпинизам.  

Важно е да се напомене дека Македонската алпинистичка асоцијација е првата асоцијација која е формирана во рамките на планинарската федерација, и на почетокот бевме критикувани за сепаратизам и дисидентство, посебно од оние кои посакуваа истото да го направат во својот спорт но немаа ниту доволно храброст ниту доволно доблест за такво нешто. До ден денешен Македонската алпинистичка асоцијација е лојален член на семејството на планинарските спортови, почитувајки ги Статуот и одредбите за работа и тро
шејки најмалку пари од заедничката каса и покрај непобитните резултати во прилог на градењето на фундаментот за развој на алпинизмот, а тоа се едукацијата на нови луѓе, уредувањето на локалитетите и издавањето стручна литература.

Денес, десет години после формирањето на Македонската алпинистичка асоцијација можеме со гордост да констатираме дека имаме реализирано важен дел од плановите за работа кои ги поставивме пред себе. Најважното нешто се новите луѓе во алпинизмот. Во моментов, во македонскиот алпинизам има повеќе активни алпинисти од кога и да е претходно, како и повисоко ниво на алпинистички квалитет, како кај поединците, така и кај секциите и алпинизмот во целина. За жал катастрофалната економска реалност во Македонија не ни даде шанса да организираме национална експедиција со која ќе излеземе во некој од поголемите планински масиви во светот. Затоа пак тоа како предизвик и задача се наметнува пред нас во времето што доаѓа. Во моментов во Македонската алпинистичка асоцијација членуваат десетина друштва, клубови и секции кои се членки на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија. Основна форма на нашите активности се алпинистичките собири кои се организираат еднаш до два пати месечно во некој алпинистички локалитет. За време на собирите спроведуваме и другите активности како што се одржување едукациски семинари, курсеви, испити и уредување на локалитетите.

    Четири пати годишно организираме алпинистички акции надвор од нашата земја.

    Две акции се од т.н. "кадровски тип" наменети за едукација и усовршување на младите алпинисти кои напреднале во својот развој и кои имаат потреба да качуваат во поголем и непознат алпинистички локалитет како начин за сопствен развој и усовршување. Покрај тоа, средбата со странски алпинисти има непроценливо значење како за нивниот индивидуален развој така и за нашиот алпинизам во целина.

Другите две акции се наменети за напредни и искусни алпинисти со цел реализирање на тешки искачувања во алпинистичките локалитети надвор од нашата земја и имплементирање на светските вредности кај нас.

    За жал засега заради катастрофалниот буџет на асоцијацијата (се на се околу  1000 ЕУР годишно) алпинистичките акции предвидени за надвор од нашата земја ги реализираме главно во соседна Бугарија. За подалеку немаме пари.

    Но постојат помали групи алпинисти па и поединци кои секоја година самостојно се организираат и заминуваат во некои од поголемите алпинистички центри во Европа и светот. Искуството Што со себе го носат назад во Македонија е драгоцено за развојот на нашиот алпинизам.