Матка

Матка

Алпинистички Локалитет

Алпинистичкиот и спортско качувачкиот локалитет Матка се наоѓа во кањонот на реката Треска околу 10 км. југозападно од градот Скопје. До Матка може да се стигне со автомобил по асфалтен пат или со локален автобуски превоз број 60, кој сообраќа од центарот на градот до Матка.

Алпинистичките и спортскокачувачките насоки се наоѓаат на карпите кои се наоѓаат од обете страни на кањонот во кој е изградена брана и вештачко езеро. Матка е срцето на алпинизмот во Македонија и многу што на Матка зборува за историјата на нашиот алпинизам.

Сместување е можно во планинарскиот дом "Матка" кој е отворен преку целата година, а истиот се наоѓа на брегот на вештачкото езеро. До него се доаѓа по уреден пат за 15 минути од паркингот за возила односно последната автобуска постојка. Домот располага со околу 50 легла. Во домот има можност и за ресторанска исхрана.

На Матка може и да се кампува со шатор и тоа главно на две места :

Во дворот на планинарскиот дом "Матка" и во дворот на манастриот Св. Никола Шишевски кој се наоѓа на спротивната страна од езерото. Кампувањето во манастирот Св. Никола Шишевски е бесплатно.

Карпата на Матка по состав е варовник кој се карактеризира со умерена компактност. Алпинистичките и спортско качувачките насоки се наоѓаат главно на пет локалитети : "Централа", "Отмарова Карпа", "Карпа кај домот", "Маткино Трло" и "Иглите на Матка".

Бројот на алпинистичките насоки изнесува околу 40 со тежина од III до VII и А2 по UIAA, а должина од 150 до 200 метра. Сите алпинистички насоки се добро обезбедени со заштита in situ.

Спортско качувачките насоки кои ги има околу 30, се со тежина од VI+ до IX по UIAA. Сите се добро обезбедени со спит клинови. Должината варира од 15 до 40 метри.

Најдобри периоди за качување на Матка се од Март до Јуни и од Септември до касен Ноември, што не значи дека и во зимските месеци не можете понекогаш да уживате во пријатни пролетни температури.
Постои водач за алпинистичките и спортскокачувачките насоки на Матка кои може да се набави во планинарскиот дом.

Matka Матка

Matka