Искачени насоки

Остра Карпа - Качување и Извидница

17.05.2009

Во Неделата на 17 Мај 2009 година, екипа на Македонската алпинистичка асоцијација составена од алпинисти од клубовите Матка, Астрајон, Плоча и Скала, качуваа во алпинистичкиот локалитет Остра Карпа, на Селечка Планина крај Прилеп.
Цел на посетата на локалитетот беше повеќекратна. Пред се да се направат неколку искачувања и да се извиди состојбата за организирање алпинистички собир кој ќе се одржи во деновите од 23 до 25 Мај (наредниот викенд). Едновремено тимот за маркетинг работеше на прибирање фото и видео материјал што ќе биде употребен за алпинистичкиот водач за македонските алпинистички локалитети кој е во изработка.
И покрај тоа што од качувачки аспект гледано, времето не им беше идеално наклонето, Аце Дончев кој беше задолжен за фотографирањето,  вели дека е задоволен од условите за правење фотографии.
Покрај извидување на локациите за организирање логор и на пристапните патеки, како и на условите во самата карпа, момците од екипата си искористија малку и да покачуваат. Искачени беа насоките „Мајсторот“ и „Верда Стело“ како и неколку болдери.
Доколку се сумираат импресиите од посетата на локалитетот се наметнува единствен заклучок - огромна штета што толку долго време локалитетот беше непосетуван.
Раководството на МАА ќе направи сериозни напори да се надокнади одсуството и да се збогати локалитетот со  некоја нова насока.

Екипата на МАА ја сочинуваа: Александар Дончев, Зоран Мајсторски, Бобан Стојанов, Крунослав Аџиевски и Горан Самоников.

Погледнете ги фотографиите направени за време на посетата на локалитетот во Неделата и нормално, се гледаме идниот викенд на Остра Карпа.

Кликнете на фотографиите за поголема разлуција.


11
11
11
11



Евиденција на Алпинистички Искачувања.

22.05.2009

Заради подобро следење на обемот и квалитетот на алпинистичките активностите во Македонија, Македонската алпинистичка асоцијација започнува со воведување систем за евиденција на алпинистичката активност на поединците и алпинистичките клубови.

Веќе од минатиот алпинистички собир кој се одржа на Матка по повод годишнината од искачувањето на Еверест од страна на македонската експедиција во 1989 година и меморијалот „Васил Франговски“, започнавме да водиме прецизна евиденција за искачувањата што ги реализира секој алпинист.

Следење на алпинистичките искачувања за време на алпинистичките собири преставува најобјективен параметар за нивото на алпинистичкиот квалитет, како за поединците, така и за клубовите и асоцијацијата во целина, т.е. за состојбата во македонскиот алпинизам.

Во изминатиот период, па и години наназад, имавме дискусии дали евиденцијата треба да се однесува само на искачувањата направени за време на алпинистичките собири или пак треба да се зема во предвид секоја активност на алпинистите. На крајот, како најиздржано беше прифатено да се евидентираат само искачувањата  направени за време на собирите, бидејки единствено тие можат да се објективизираат, што е многу важно за искрено и објективно следење на алпинистичкиот квалитет.

Во минатите децении на постоењето на македонскиот алпинизам проблемите со вреднувањето на квалитетот секогаш се јавувале кога постоеле групи кои работат надвор од системот и кои заради тоа се хендикепирани во поглед на објективната процена на сопствениот квалитет, а со тоа се оневозможува и објективизација на квалитетот на целиот македонски алпинизам. Во крајна линија алпинистичкиот квалитет е нешто со кое секој поединец или клуб се гордеат и затоа е многу подобро квалитетот да се демонстрира помеѓу алпинистите одколку во виртуелниот свет или во средини кои некогаш и немаат никаква врска со алпинизмот, но можат да имаат влијание врз општата клима во која се развива алпинизмот.

Самовреднувањето или уште полошо наменското вреднување на поединци и клубови како најдобри, најактивни, најквалитетни..., се покажа не само како штетна туку и многу опасна пракса. Чувството на лична и колективна одговорност кон алпинизмот треба да не мотивира сите нас со добронамерни сугестии и на позитивен начин да влијаеме  за искоренување на овие опасни појави кои не носат никому ништо добро.

Токму затоа го воведовме системот за евиденција на алпинистичките искачувања, во интерес и за добро на сите алпинисти во Македонија кои искрено сакаат да качуваат и кои можат да комуницираат без проблем со другите алпинисти, преку единствениот јазик на душата на алпинизмот.

22.05.2009 година

Костантин Циривири,
Претседател на Македонската Алпинистичка Асоцијација


АЛПИНИСТИЧКИ ЈУБИЛЕЈ И МЕМОРИЈАЛ - Матка 9 и 10 Мај 2009

09.05.2009

Во деновите 9 и 10 мај 2009 се одржа меморијален алпинистички собир на Матка во чест на македонските алпинисти Васил Франговски и Димитар Илиевски - Мурато, првиот македонски алпинист кој го искачи Монт Еверест, за што на 10 Мај се одбележуват 20 години.
Организатори на собирот беа Македонската Алпинистичка Асоцијација и клубовите АК „Матка“ и ПК „Љуботен“, а истата се одржа на иницијатива на  македонскиот алпинист Надир Мурсели кој живее и работи во Швајцарија. Алпинистичкиот собир беше прилика да се сретнат повеќе алпинисти со кои тој има правено искачувања.
Содржината на собирот беше качување по избор. На собирот присуствуваа алпинисти од целата земја, и тоа од клубовите: АК „Матка“-Скопје, ПК „Љуботен“-Тетово, АК „Плоча“-Радовиш, АК „Астрајон“-Штип, АК „Скала“-Струмица, ДПС „Трансверзалец“ - Скопје и АК „Апекс“ - Охрид. Покрај тоа присутни беа и членови на СКК „Екстрем“-Скопје.
Во саботата, по направените качувања, во попладневните часови се одржа и мала гозба меѓу присутните на собирот. На овој собир повеќе почетници качуваа за првпат во долги насоки, а најмладите почетници ги направија своите први качувања на карпа, меѓу кои беше и најмладиот, тригодишниот Тадеј Циривири.

Во саботата, 9 мај, беа качени следните алпинистички насоки

Крунослав Аџиевски : Новогодишен
Крунослав Аџиевски – Дарко Наумоски: Отмар
Крунослав Аџиевски – Дарко Наумоски - Панде Фармаков: 4 Клина
Бобан Стојанов – Горан Самоников: 4 клина
Никола Андоноски – Здравко Спасев: Нина
Никола Андоноски – Наум Митрески: Нина
Крунослав Аџиевски – Гоце Јовановски: Матка-лева
Илија Циривири–Димитри Димитров – Виктор Хаџи Василев: Отмар
Ристе Калинов – Наум Митрески: Матка-лева
Костантин Циривири – Надир Мурсели: Отмар, Ветерански
Мирослав Ристовски – Маја Мухиќ: Ветерански
Владимир Цветкоски – Темјана Ефтимова: Нина
Надир Мурсели – Лабинот Ахмети: Борник
Ненад  и Ана Радевски: Отмар
Сашо и Гоце Николоски и Антон Моцан: Новогодишен

Во неделата, 10 мај, беа качени следните алпинистички насоки:

Зоран Мајсторски – Панде Фармаков: Панчев (за 2 саати)
Бобан Стојанов – Горан Самоников: Матка лева
Крунослав Аџиевски – Гоце Јовановски – Мартин: Борник
Ристе Калинов – Димитри Димитров – Валдет Османи: Борник
Никола Андоноски – Наум Митрески: Отмар
Мирослав Ристовски – Панде Фармаков: Фи-фи клин
Мирослав Ристовски – Здравко Спасев: Борник
Владимир Цветкоски – Темјана Ефтимова: Отмар
Илија Циривири – Нинослав Станковиќ: Козина
Костантин Циривири - Илија Циривири: Матка Левa
Жикица Ивановски – Горан Стрезовски: Отмар

Покрај искачувањата во алпинстичките насоки беа реализирани и поголем број искачувања во спортско качувачките насоки.
Собирот помина во пријателска атмосфера и дружење помеѓу присутните, така како што и доликува за обележување на овој значаен јубилеј.