Алпинистичко Училиште
Алпинистичко училиште
Прва Македонска Алпинистичка Школа
Алпинистичкото училиште е организирано од страна на Македонската алпинистичка асоцијација во соработка со Центарот за стручно оспособување при ФПСМ и планирано е тоа да биде од континуиран карактер, т.е едукациските активности да се одвиваат во текот на целата година.
Активностите во рамките на училиштето се спроведуваат преку курсеви и семинари, кои се одржуваат во просек два пати месечно. Досегашните искуства од првите четири месеци на оваа година колку што е активно училиштето, говорат дека идејата за училиштето како и концептот за работа се оправдани, давајки одлични резултати.
Обуката која што беше спроведувана во алпинизмот во текот на изминатите неколку децении покажа дека е неопходно да се организира алпинистичка едукација од перманентен карактер што ќе функционира во подолг временски период и која ќе има континуитет во активностите. Ова е од особено значење за оние планинарски и алпинистички средини каде што нема стручни лица кои се оспособени за едукација на нови кадри и каде што алпинистичките ентузијасти се препуштени сами на себе, што претставува најлош рецепт за учење алпинизам.
За во наредните години се надеваме дека ќе успееме да поставиме повеќегодишен систем за едукација и тоа не само за почетници и напреднати почетници во алпинизмот, туку и за надградба на искусните алпинисти.
Земајки ја во предвид моменталната состојба со подмладокот во алпинизмот, кога веќе излегуваат на виделина резултатите од изминатите петнаесетина години континуирани напори за омасовување на алпинизмот, потребата од единствена целогодишна едукација на македонскиот алпинистички подмладок се јавува како неопходност. Имено, и покрај солидната бројка на млади алпинисти, евидентна е разликата во степенот и начинот на едукација помеѓу алпинистите од различните алпинистички клубови, и што е уште поважно, многу тешко се достигнува неопходното ниво на квалитет за реализирање на врвни алпинистички искачувања.
Во услови кога во општеството веќе со децении е присутна сериозна економска криза и кога актуелната светска криза кај нас завзема сериозен замав, многу е тешко да се очекува квалитативен скок во алпинизмот доколку едукацијата и организираната активност е препуштена само на клубовите.
Лиценцирани инструктори во алпинизмот имаме малку, а добар дел од алпинистите што имаат инструкторска зрелост, притиснати од секојдневната и сурова борба за преживување, не се многу заинтересирани за работа со почетници, а тоа е главната причина за одсуството на сериозен континуитет во алпинистичката едукација.
Македонската алпинистичка асоцијација и Центарот за стручно оспособување се обидуваат да постават во функција механизам за подобрување на квалитетот на алпинистичката едукација со што директно би се стимулирала и врвната алпинистичка активност, се разбира после извесен период потребен за созревање на новите генерации.
Без помош и подршка на сите клубови заинтересирани за занимавање со алпинизам, како и помош и подршка од сите алпинисти: млади, стари, активни, неактивни и сл, концептот нема да го даде потребниот ефект - приближување на македонскиот алпинизам кон актуелните светски стандарди. Меѓутоа, од друга страна, и самите клубови имаат потреба од училиштето бидејки тоа е најдобриот начин за објективна и квалитетна едукација на почетниците во алпинизмот, посебно на младите, кои ќе можат да добиваат информации и знаење од различни инструктори со различни ставови и гледишта кон алпинизмот.
Засега клубовите кои не се зачленети во МАА а имаат каква таква алпинистичка активност одбиваат да соработуваат со алпинистичкото училиште, што не им оди во прилог за да развијат квалитетен алпинистички кадар. Свеста и одговорноста кон колективот треба да ги надминува границите на личните предубедувања.
Се надеваме дека резултатите од алпинистичкото училиште наскоро ќе создадат услови во Македонија да доминираат идеите насочени кон иднината на нашиот алпинизам и конечно, да зборуваме многу повеќе за идните алпинистички проекти наместо да евоцираме спомени за изминатите.



