|
АЛПИНИСТИЧКА АКЦИЈА ВО АЛПИ (август 2007)
На 20 овој месец во француските Алпи, во масивот на Mont Blanc замина четири члена алпинистичка екипа составена од членови на Македонската алпинистичка асоцијација. Во екипата се Борче Манев, Крунослав Аџиевски, Бобан Стојанов и Зоран Мајсторски.
После кратко задржување и “загревање” во качувачкиот локалитет Арко во Италија, алпинистите се префрлија во шамони а од таму на 24 Август се искачија на Valle Blanche под Aig du Midi каде што поставија логор.
На 25 Август изведоа искачување на популарната насока Arete de Cosmique, а на 26 се искачија по насоката на Rebuffat во јужната карпа на Aig du Midi.
Засега сите членови на тимот одлично се чувствуваат и доколку ги послужи добро време, после аклиматизацијата и искачувањето на Mont Blanc, планираат потешки искачувања во масивот.
И покрај тоа што ова е официјален тим на Македонската алпинистичка асоцијација, трошоците за целата акција се на терет на самите учесници.
Matterhorn - северна страна (Мај-Јуни 2007)
Оваа година јас, Надир Мурсели и Јован Попоски ќе обидеме да се искачиме по насоката на браќата Schmid во Северната страна на врвот Matterhorn. Досега имавме два обида но поради лоши услови во карпата и неповолните временски прилики, моравме качувањето да го откажеме уште во домот Hornli.
Во сите претходни обиди за качување на карпата, не придружуваа пријатели кои доаѓаат во искачување на некој врв во Алпи-те, како што се врвовите во масивот Monte Rosa, Grossglocner или Mont Blanc. Минатите години со нас беа Слободан Трпевски - Екстрем и Сашко Кедев. Качувањата што ги правиме со нив ни служат како аклиматизација пред да одиме кон нашата главна цел - искачување на Северна страна на Matterhorn.
Планот за Северна страна на Matterhorn го започнавме во 2004 година, а иницијатор на идејата беше Дарко Спировски. Во меѓувреме тој се откажа од оваа акција заради приватни обврски, така да сега во наврска останавме само јас и Јован Попоски.
Искачување на една ваква насока бара одлична психофизичка подготвеност, добри временски услови за време на качувањето во карпата и добра стратегија. Во стратегијата спаѓаат голем број на постапки кои се превземаат при планирање и реализирање на искачувањето, а една од нив е изборот на опремата што треба да се понесе во карпата. Ова е многу важно, од една страна за да не бидат ранците премногу тешки за со тоа да се попречи брзината на качувањето, но од друга страна треба да се има доволно опрема за една вака тешка карпа, бидејки секоја импровизација во такви услови може да биде многу опасна. Исто така, неопходно е да се биде подготвен за бивак во карпата, и тоа да се испланира потребната опрема за бивакување како и да се анализираат сите места во насоката каде што е можно да се организира бивак. И изборот на храната е подеднакво важен момент од кој што зависат многу работи во качувањето. Потоа, потребно е да се обезбеди соодветно осигурување (полиса) за во случај (не дај Боже) на потреба од евакуација со хелихоптер.
Одлуките ги донесуваме двајцата. Зад секоја одлука во вака тешка и сериозна насока мора да стои искуство, чиста мисла и да нема никакво брзање. Во претходните обиди при донесување на клучните одлуки, како што е враќањето назад, ни беа потребни и по неколку часа. Има многу фактори кои влијаат врз искачувањето кога станува збор за качување на најтешките карпи.
Минатите години најмногу проблеми имавме со временските прилики, па затоа годинава се решивме качувањето да биде во периодот од крајот на Мај до почетокот на Јуни, наместо досегашниот избор во периодот Јули - Август.
Стипе Божич вели: "Откажувањето на качувањето заради временските прилики при качувањето на врвот Annapurna , висок преку 8000 метри е едно од моите најголеми мајсторства во алпинизмот".
Против природата, не се може. Кога условите не дозволуваат тогаш е најтешко за секој планинар. Позади себе остануваат сите подготовки, стратегии, земениот одмор од работа, патот, и се разбира потрошените пари. Но ништо не е повредно од животот или здравјето, да се загуби прст, стопало... Планината ќе биде таму, а постојат и други планини, и секако ќе постојат и други прилики.
Нешто околу насоката, превземено од книгата - Clubfuhrer.
Matterhorn Севрена страна, висина на врвот 4477 метри.
Први качувачи: Franz и Toni Schmid на 31 Јули и 1 Август 1931 година
Висинската разлика помеѓу подножјето на карпата и врвот изнесува 1100 метри, но насоката е подолга бидејки таа не се протега по исклучиво права линија. Во карпата нема добри сидришта како ниту места за клинови. Во насоката се разликуваат три дела. Долниот дел е мраз, средниот дел е микс, и горниот е карпа најчесто покриена со снег. Од средниот кон горниот дел на насоката постои можност да се бира дали ќе се качи насоката до самиот врв или ќе се направи мала пречка во лево кон гребенот Hornli. Насоката се качува цело време со дерези, а клучните места се со должина од околу 150 метри и тежина од IV до V. Во долниот дел постои голема опасност од одрони од камења. Слагањето најдобро е да се направи по Hornli гребенот, а во него се наоѓа бивакот Solway на 4005 метри.
Се надеваме дека оваа година ќе успееме.
Повторно Македонец на Еверест (20 Мај 2007)
На 20 Мај во 10 часот Македонецот Глигор Делев кој живее и работи во Канада се искачи на највисокиот врв на светот.
После 18 години повторно беше развиорено македонското знаме на највисокиот врв на светот Mount Everest . Овој пат тоа е заслуга на Глигор Делев наш сонародник кој живее и работи во Канада.
Глигор Делев е лекар, специјалист по ургентна медицина, а со планинарство и експедиционизам се занимава од 2000 година. На Еверест учествува како член на српската експедиција за која подетални информации можат да се добијат на нивната web страна: www.serbia-everest2007.com.
Во моментов Глигор Делев се наоѓа во базниот камп под Еверест на леденикот Rongbuk и е во одлична состојба. За утре веќе се надеваме дека ќе имаме фотографии од врвот.
Искачувањето на Глигор Делев на Еверест е многу важен момент за македонскиот спорт и планинарството. И покрај фактите што Делев веќе подолго време живее и работи во Канада, и фактот што ниту планинарската организација ниту државата немаат удел во неговиот успех, неговото достигнување е огромен подстрек за македонското планинарство и охрабрување за планирање врвни планинарски достигнувања.
Успехот на Делев е аргумент и пред светот и пред домашните институции дека постојат Македонци со ков за врвни достигнувања, посебно во планинарството, но дека за секоја врвна активност потребни се пари кои за жал ниту како поединци ниту како организација во моментов ги немаме.
Високиот патриотски однос на Делев кон својата родна земја што го докажува и за време на сите претходни експедиции со истакнувањето и фотографирањето со нашето знаме, воедно е одличен пример за сите нас како треба да се однесуваме кон својата татковина и кон се што е наше, планините, институциите, достигнувањата кои се дел од нашата историја.
Да се надеваме дека Глигор Делев ќе одвои време да дојде веднаш после овој огромен успех во Македонија за да ни пренесе дел од неговата инспиративна енергија и љубов кон планините, и можеби заеднички да планираме нешто за во иднина. Во светот сигурно не е мал бројот на луѓето како него, со кои можеме да се обединиме за заеднички врвни достигнувања.
Да се надеваме исто така дека и институциите на нашата држава, поаѓајки од планинарската организација, нема да останат рамнодушни кон овој многу важен момент за афирмацијата на нашата земја. Македонската алпинистичка асоцијација ќе покрене иницијатива за да се покани Делев да дојде во Македонија за да одржи неколку презентации за своите искачувања, како и за негово соодветно одликување.
Успехот на нашиот сонародник Глигор Делев е сеопшт македонски успех и останува на нашата свест и умеење правилно да го вреднуваме, во интерес на историјата и во интерес на иднината.

|