МАА Новости
Првенствена насока на Матка - Macedonia Timeless (Јуни 2009)
Сабота, 20 Јули 2009 година решивме со Круно да ја продолжиме насоката која ја имавме подготвено за снимањето на спотот Macedonia Timeless.
Насоката почнува од едно паднато дрво на самата линија од езерото. Има убави пукнатини за сидриште на самиот старт. Насоката се движи по гребен во лево од сидриштето, карпата е песоклива и треба да се внимава на ронливост. Тежината не надминува III, се до крајот од првата должина кај што има убав превис во компактна карпа со тежина од V-. Во превисот е оставен единствениот клин во целата насока. По 30 метри има дрво кое го искористивме за сидриште. Овде беше и крајот на насоката која ја искористивме за снимање. Малку под дрвото е делот од карпата кај што качува Круно на спотот.
Втората должина е експониран гребен сличен на насоката Новогодишен, но малку потешка поради големата кршливост на карпата и мора да се биде многу внимателен. Тежината не надминува IV, но пак ќе напоменам дека првин мора да се најде вистинското фаќалиште, затоа што се друго е спремно да се откорне од карпата. И оваа должина е 30 метри. Ќе напоменам дека можевме да ја продолжиме уште нагоре, но веќе надоаѓаше дожд и не сакавме да се најдеме во кршлива и влажна карпа. Гребенот продолжува се до локалитетот Маткино трло, но тоа ќе значеше и долго враќање назад. Затоа овде направивме сидриште од два клина на кое абзелувавме до дрвото и од него до брегот од езерото.
Ристе Калинов
Насока: Macedonia Timeless
Оцена: IV/V-
Локалитет: Матка
Состав на карпата: Варовник
Дата на искачување: 20.06.2009
Први качувачи: Крунослав Аџиевски и Ристе Калинов
Потребна опрема:
Препорачливо е да се носат френдови и чокови со помали големини, заковавме и неколку клина, оставивме само еден клин во најтешкиот детал и 2 клина на последното сидриште за абзел.
фото.
Одговор на текстот објавен на www.alpinizam.org за состојбите во ФПСМ и Македонската алпинистичка асоцијација
И покрај тоа што не сакам да учествувам на ‘‘форуми за планинарството‘‘ каков што полека се наметнува на alpinizam.org , бидејки се крајно непродуктивни и ја насочуваат енергијата во погрешна насока, а од друга страна ‘‘организаторот‘‘ може во секое време да одлучи ‘‘да ја земе топката и да си оди дома‘‘, сепак како вршител на должноста Претседател на Македонската алпинистичка асоцијација, принуден сум да реагирам, бидејки главниот концепт на текстот на Игор се врти околу алпинистичката асоцијација - МАА, и каде што таа на неколкупати е прозвана.
Текстов најпрво се обидов да го пуштам на страната на Игор и Весна - www.alpinizam.org, но бидејки таму, во делот за коментари, постои ограничување од 1000 карактери за секој допис, го објавуваме на официјалните страни на македонскиот алпинизам - www.alpinizammkd.org и на страната на алпинистичкото друштво ‘‘Матка‘‘ од Скопје - www.matkaclimbing.org.
Ќе почнам со ред.
Прво за резултатите од гласањето. Исходот од гласањето зависи од два фактори - задоволството или незадоволството на делегатите и нивната база со сработеното, личноста и минатото на победничкиот кандидат, но исто така и од нивниот став, по сите тие прашања, за противкандидатот. Се гласаше за избор помеѓу две опции, а не за ревизија на сработеното од страна на претходниот Претседател, и како што е и наведено во текстот на Игор, резултатот е 20:4. Доволна јасна порака за сечија лична амбиција.
Понатаму, во текстот постојано се споменува ФПСМ како некоја апстрактна и надинституционална форма. ФПСМ ја сочинуваат спортовите, а надвор од нив има две вработени лица, еден хонорарец и Претседател. Сите останати ‘‘функционери‘‘ на ФПСМ се делегираат од страна на спортовите. Значи за се што се случува во ФПСМ, спортовите, преку нивната организациска форма на работење имаат влијание. Проблемот на ФПСМ е што нејзиниот концепт на функционирање е поставен пред четириесетина години и истиот бара многу големи измени, но тоа не значи дека треба да се ‘‘поведат војни‘‘, да се ‘‘руши‘‘ и сл. како што веќе читаме на странава, туку треба да се започне со работа. Треба да се делува со институционално прифатливи методи, внатре во системот, а не да се седи на страна и во момент на инспирација да се напише некој текст. Ако некои се обиделе да направат нешто и загубиле со 20:4, тоа не значи дека на ФПСМ му нема лек, туку едноставно, дека ‘‘лекот‘‘ не е во понудената опција. Наместо да се минираат сите напори на Македонската алпинистичка асоцијација за поместувања во алпинизмот и наместо обиди за лично девалвирање на носителите на активностите, многу покоректно е да се понуди помош. Одбиената помош дава за право критика, меѓутоа критика без акција е обично критизерство, воајеризам.
Понатаму, во текстот се споменува висината на средствата што ги добива алпинизмот, наспроти средствата што ги троши ФПСМ и дали МАА ќе ја запраша ФПСМ каде ги троши средствата. Основниот проблем е во тоа што вкупниот влез на пари во ФПСМ е многу мал, бидејки и да се распоредат сите пари само за спортски активности, некаде по 10.000 ЕУР на секој спорт, тешко дека ќе има врвни резултати.
Сега би го запрашал Игор, нешто во врска со периодите кога тој беше Координатор на МАА во два наврати (тогаш немаше Претседател и Координаторите беа највисока функција во МАА) и кога беше Главен Инструктор на МАА: Дали тогаш во МАА имаше повеќе пари и дали тогаш ФПСМ трошеше помалку пари? Дали тогаш имаше излегувања барем до Алпи? Дали тогаш Игор постави некакво прашање до ФПСМ?
Од активностите на МАА, на Игор најмногу впечаток му оставиле патувањата, со тоа што не е сигурен дали Алпи и Доломити беа во едно патување или повеќе. Во тој период не знам дали Игор беше во Македонија или надвор, или некаде каде што нема интернет, можеби на Марс, ама сигурно знам дека го контактиравме околу некои информации кои ни беа потребни за патот и сместувањето, бидејки тој и Весна кратко пред тоа беа во Доломити. Веројатно заборавил. Можеби заборавил и на тоа дека во моето излагање на Собранието, за работата на МАА, покрај акциите во Бугарија и Алпи, ги споменав и десете собири во Македонија и четирите семинари за обука - сигурно најтешкиот дел од програмското работење на МАА, меѓутоа многу непопуларен дел од работата кој воопшто не води кон лична афирмација.
Понатаму се вели дека сите асоцијации, што подразбира и МАА, се жалеле на слабатата финансиска состојба како причина за лошите резултати. Најпрво, бидејки Игор беше на Собранието и како што слушнав снимал со камера, нека го провери моето излагање, во кое што причините за лошите резултати на МАА ги лоцирав по следниов редослед: организациски, кадровски и на крајот финансиски. Финансискиот момент го наведов само како параметар за организацискиот капацитет на алпинизмот. Парите се неопходни за врвни достигнувања, но тие нема да дојдат сами од себе ниту ФПСМ ќе ги донесе за алпинизмот. За парите за алпинизмот треба да се изборат самите алпинисти, преку работа на програми и проекти, и преку пријатели и лобисти. Не спротивно, преку гледање сеир од страна, инструирање непријатели по вештачки пат и интензивно антилобирање.
Во текстот, исто така се вели дека МАА ‘‘решиле да остануваат во ФПСМ‘‘. Македонските алпинисти ниту дошле во ФПСМ од ‘‘некаде‘‘ ниту пак треба да решаваат дали имаат намера да си одат ‘‘некаде‘‘. Македонските алпинисти се конститутивен дел на ФПСМ и нема потреба никаде да заминуваат. Како што и изнесов во моето излагање на Собранието, македонските алпинисти, барем оние кои знаат институционално да работат и соработуваат, ќе формираат автономна организациска форма која ќе се грижи самостојно за алпинизмот како спорт, согласно со карактерот на ФПСМ како организација и македонскиот Закон за спорт. Дали ќе се нарекува асоцијација, федерација или некако слично, зависи од логичните и инсталираните пречки што ќе се појават пред нас, но тоа не е најважно. Со нејзиното формирање правата за застапување на алпинизмот пред сите институции ќе бидат во рацете на алпинистите, но исто така и одговорноста. Нема да има место за дежурни апстрактни виновници од страна. Останува на оние ‘‘кои се искрено загрижени за иднината на вистинскиот алпинизам во Македонија‘‘ да решат дали ќе продолжат да губат со 20:4 или ќе почнат да даваат конструктивен придонес за развој на алпинизмот.
И за крај. Треба добро да се размисли и да се преиспита личниот мотив пред да се пуштаат текстови од таков тип - дали тие ќе помогнат за средување на работите во алпинизмот или пак ќе отворат нови проблеми во и онака кревкото алпинистичко ткиво? Дали со седењето надвор од институциите некој може да биде амнестиран од одговорност, а воедно да има право и на критизерство?
Луѓето кои стојат во позадината на текстот од Игор во моментов имаат пристап до трите извори на моќ (сила - власт, пари, идеологија). Им недостасува најважниот од исто така трите инструменти за спроведување на моќта - организација. Мора да се изнајде некаква организација, најдобро некоја од постоечките, но доколку не помине тоа, може да биде и некоја нова, реална или фантомска, обично спакувана во амбалажата за ‘‘спас на македонските вредности‘‘. Требало Игор добро да размисли пред да влезе во оваа игра. Од неа ќе излезе разочаран, истрошен и многу помалку алпинист од тоа што е сега, бидејки ќе биде ‘‘само мало штравче во целиот механизам‘‘ кој нема за цел развој на алпинизмот. Се надевам дека Игор нема да отиде предалеку, како што и верувам дека македонскиот алпинизам има капацитет да се соочи со предизвиците кои стојат пред нас. Промени во алпинизмот и во ФПСМ се неопходни, меѓутоа конструктивни и со искрена намера за доброто на алпинизмот. Се друго ќе биде ‘‘де жаву‘‘.
Скопје, 22.06.2009 година.
Костантин Циривири,
Претседател на Македонската Алпинистичка Асоцијација
Алпинистите на АК „Матка“ на СNN
За прв пат во Македонија.
Алпинистите ќе привлекуваат туристи во Македонија. На вториот рекламен спот за презентирање на земјава како привлечна туристичка дестинација „Вечна Македонија“ алпинистите на АК Матка Крунослав Аџиевски - Круно и Ристе Калинов со неколку сочни движења на насоката ....... ги канат странските алпинисти во Македонија.
На спотот кој е во режија на Игор Иванов Изи на неколку секунди се појавува Круно додека искачува насока на Матка, а Ристе е на сидриштето и го обезбедува. Според Круно и Ристе снимањето на овој кадар траело околу 3 часа. Камерата кружи околу Круно, што го прави самиот кадар прв од ваков вид направен од било кое искачување досега во земјава.
Самото покажување на алпинистите покрај природните убавини на спотот кој трае минута и петнаесет секунди и нивното сместување меѓу првите пет активности кои треба да ги привлечат странските посетители во земјава значи многу за статусот кој го добива алпинизмот.
Се надеваме дека спотот ќе донесе добар број на алпинисти од странство со кои ќе можеме заедно да искачуваме, соработуваме и разменуваме искуства.
На Круно и Ристе им посакуваме голема и долга манекенска кариера на глобалните светски телевиски мрежи.
Јане Димески
Феникс (нова првенствена насока над браната Козјак) (Јуни 2009)
Планинарска-екстремно ливадарска-алпинистичка акција
Во саботата наутро, како и секое патешествие што започнува така и ова започна, Ристе го “смести” Голфот кај мене пред зграда. Па така колку многу што имавме опрема имавме и желба и ентузијазам да направиме првенствена на карпите над селото Патишка Река. Да, да оние карпи каде што е мразот, или евентуално на карпите на северната страна на врвчето до Остар врв.
Не беше многу доцна кога пристигнавме во селото и веднаш тргнавме нагоре, кон карпата. Патот кој што ние го одбравме водеше низ густата шума, која што ни малку не е како во зимно време, туку сосема нормално е целата тазе расцутена и бодликава. Друштво ни правеа многуте муви кои непречено застануваа да се одморат на нашата испотена и леплива кожа. Со или без мувите стигнавме до карпата кај “мразевите” и не пречека еден мини глечер.


Се фотографиравме со него, се напивме вода од водопатчето и продолживме кон втората локација каде што би влегле во првенствена. Се откажавме од ова карпа не поради тоа што изгледа грандиозно и по малку заплашувачки, туку поради ронливоста.
Излеговме кај бачилото, директно од кај големата карпа преку една престрмна ливада со стрмнина од околу 40 степени и висинска разлика од 350 метри - екстремно ливадарство, што можеби беше и премногу глупав потег, ама тоа е тоа, памет за друг пат. Се напоивме на поилото и тргнавме кон врвот, но кога стигнавме доволно близу до карпата видовме дека пристапот е скоро невозможен од долу поради скоро вертикалната трева, па целово пешачење се сведе само на извидница и убава планинарска тура.

Па така со нашите штотуку стекнати изгореници од сонцето се вративме до колата и тргнавме назад... не назад кон дома, туку кон блиската брана на Козјак, бидејќи бевме цврсто решени да качиме некоја насока, а Матка од таму е многу далеку.
Кога стигнавме, се спремивме и тргнавме кон подножјето на карпата. Патеката е доста впечатлива ако знаете каде да ја барате, а не да одите низ шумата, таа се наоѓа веднаш по далноводот, т.е. двата столба. Бргу стигнавме до самото подножје на карпата и барајки ја идеалната линија по која би се качиле, заглавивме, ни напред ни назад, секаде дрва, само нагоре имаше излез – преку новата насока.
Најспонтано што можеше стигнавме до линијата и јас тргнав прв. На почетокот карпата делуваше доста цврста и заковав еден клин, но како што напредував погоре и погоре се менуваше квалитетот на варовникот. Во првата должина, успев да ставам само уште еден френд и еден чок. Некако дојдов до местото каде што го поставив сидриштето, и тука полека почна да се раѓа и самото име на насоката. До моментот додека се качи Ристе јас бев убеден дека нагоре нема веке каде да се оди бидејќи се беше ронливо. Ристе се качи, и јас веднаш почнав да го спуштам надолу, кога само по два метри во лево тој здогледа нова, не толку ронлива линија, тоа беше тоа - Фениксот полета од правта на ронливата карпа. Нормално таа должина му припадна на Ристе. Почнува на мала полица која влегува во голем жлеб, но Ристе имаше идеја да испречи малку во лево и да следи една мошне компактна пукнатина. Овде карпата примаше само френдови и чокови. Пукнатината од долу изгледаше мошне длабока, се додека не дојде Ристе до неа и виде дека е само 5 cm длабока без можност за лесно напредување нагоре. Френдовите во пукнатината не беа баш најсигурни, и падна решение за враќање кон природната линија во карпата, преку жлебот исполнет со дрва кои Ристе многу умешно ги помина, иако цело време бодеа. Ако некој сака да проба А2 или А3 техничко качување, пукнатината е вистинско место за тоа. Ние не бевме толкави ентузијасти, расположени за пад од преку 10 метри. Третата должина беше поекспонирана и доста логична. Тргнува преку мал превис со интересни па дури и пештерски форми во карпата, мошне цврсти и компактни и дозволуваа поголема слобода во движењето и завршува по триесетина метри, како и целата насока.

Овој пат завршивме без никаква помош од астрономите, ја најдовме “лесно впечатливата” патека и тргнавме конечно кон дома.
Илија Циривири
А.К. Матка
Насока: Феникс
Оцена: IV-/ IV+
Локалитет: Брана Козјак
Состав на карпата: Варовник
Дата на искачување: 06.06.2009
Први качувачи: Илија Циривири и Ристе Калинов
Местоположба на насоката: Лево од насоката Астрономска
Потребна опрема:
Препорачливо е да се носат френдови и чокови со помали големини, заковавме и неколку клина, но во насоката не оставивме никаква опрема.
Опис на насоката:
Почнува меѓу густи грмушки и се движи по единствената нормална, неронлива линија се до карактеристичен превис каде што се прави пречка во лево. Втората должина е цела во жлеб (скоро камин), кој што во крајниот дел е обраснат со дрва. Третата должина започнува со превис со оцена IV+ и низ кршот излегува на платото над карпата.
Радовиш Директ-Првенствена насока на Остра карпа
ДАТА НА ИСКАЧУВАЊЕ :
30.05.2009 година.
НАСОКАТА ЈА ИСКАЧИЛЕ :
Зоран Мајсторски и Гоце Јовановски - АК Плоча - Радовиш
МЕСТОПОЛЖБА НА НАСОКАТА :
Насоката се наога на десниот дел од карпата десно од Мајсторот
ПОЧЕТОК НА НАСОКАТА :
Насоката започнува десно на 5 метри од насоката Мајсторот по специфична линија на пукнатина која води се до крај на видикот на карпата.
ПОТРЕБНА ОПРЕМА :
Насоката е оклинчена со in situ има оставено 8 клина во двете должини плус по 2 клина на двете сидришта, места за чокови и френдови посебно помалите бројки добро е да се носат и поголеми бројки на френдови, исто така може да се осигурате на дрвото кое се поминува од лево.
ТЕЖИНА НА НАСОКАТА :
Првото јаже има тежини од V, VI, и детали од А0. Второто јаже детали од IV и V.
ОПИС НА НАСОКАТА :
Насоката започнува со камин кој е многу мазен и неспецифичен низ кој тешко се минува покасно тежината се намалува но сепак се јавува нестабилност од црната мов каде се доага до под дрвото кој е со детали од А0 повеке заради безбедност од подлизгување. Од дрвото нагоре има еден лесен дел каде ке ви даде некоја лажна надеж но и добро место за собирање на енергија. По некоја логичност насоката ке ве натера во лево но покасно ке мора да се вратите во пукнатината и да не се замарате многу ке се помачите за да дојдете до сидриштето каде што исто така има детали од А0 повторно поради безбедност од подлизгување се до делот на 3 метри од сидриштето каде тежината се намалува. Сидриштето е на мала тераса каде е комотно и има место да се организира целото сидриште. Второто јаже кое полесно продолжува нагоре право по пукнатината каде има оставено еден клин за маркација и нагоре логично ке ве води насоката битно е да се внимава на црната мов и тревата да не биде причините за одлизгување. Сидриштето на второто јаже е веднаш до почетокот или крајот на сајлата во зависност од која страна доагате, над сидриштето се наога специфичен таван кој е со поголеми димензии. Од овде со пешачење по сајлата се излегува од насоката.
ЗАБЕЛЕШКА :
Да се понесе кладиво со остар клун за да може да се исчисти комплетно пукнатината која е единствена за поставување на осигурителните точки.
ТЕХНИЧКИ ОПИС:

Текст : Зоран Мајсторски
Фото : Ристе Калинов
АЛПИНИСТИЧКИ НОВОСТИ ОД СВЕТОТ
За да ги одмориме љубителите на алпинизмот и планинарството од информациите за ‘‘достигнувањата‘‘ од македонската алпинистичка и качувачка сцена, во продолжение ќе презентираме неколку информации од светот, за да не заборавиме каде се наоѓаме и во која насока треба да се движиме.
24.05.2009
Искачување на Fitz Roy, Patagonia од страна на словенечките водачи во планина Урбан Ажман и Борис Лоренчич.
Словенечките алпинисти, инаку професионални водачи во планина, во Јануари оваа година направија повторување на насоката Via del Tehuelche во Северната страна на Fitz Roy.
Станува збор за тешка насока - 6b+/A2, 1300 метри, која за прв пат е качена во 1986 година од страна на италијанска експедиција предводена од Marco Sterni. Поточно насоката при качувањето во 1986 година е искачена до 100 метри под врвот, каде што качувањето е прекинато заради лошо време. Италијаните во 1986 година качуваа во експедициски стил.
Првото комплетно искачување по оваа насока е направено една деценија покасно од страна на Rolando Garibotti и Doug Byerly во алпски стил за време од два дена.
Ажман и Лоренчич ја искачиле насоката исто така за два дена, на 12 и 13 Јануари 2009 година.
Првенствени искачувања во долината Piritas, Rio Turbio, Patagonia.
Во Февруари оваа година американските алпинисти Josh Beckner, Jared Spaulding и Dave Anderson искачија првенствена насока на врвот Pirita Right во аргентинска Патагонија. Насоката е именувана Voces en la Noche и има тежина V 5.11 A0.
Во истото време и во истата долина, тим на канадски алпинисти - Paul McSorely, Will Stanhope и Andrew Querner, направиле првенствено искачување на врвот Pirita Central кое го именувале Todos los Caballos Lindos кое е со тежина од 5.11-. Насоките се со должина од околу 700 метри.
Прво искачување на Ice Pyramid во Аљаска од страна на Clint Helander и Seth Holden.
Овој месец, Мај 2009 година, Clint Helander и Seth Holden го направија првото искачување на Ice Pyramid (висок околу 2800 метри) во Revelation Mountains регионот кој се наоѓа во Југозападниот дел на Аљаска.
Врвот е искачен по Југозападниот гребен, и за искачувњето и повторното враќање во подножјето на планината каде што го имале поставено логорот, им биле потребни четири дена. Ова е нивен втор обид за качување на овој врв. Првиот обид го имале во 2008 година, кога искачиле 18 должини по истата насока, но биле принудени да се вратат. Во 2008 со нив бил и Steve Sinor. Не за бадијала е кажано дека враќањето од некоја насока/врв е моментот кога насоката не „заробува“ и станува еден вид опсесија.
Британските алпинисти Jon Bracey и Matt Helliker искачиле две нови насоки на Аљаска во регионот на Ruth Gorge.
Стабилното време и одличните услови во мразот им овозможиле на британските алпинисти Bracey и Helliker да искачат две нови и многу тешки насоки во регионот Ruth Gorge на Аљаска, за релативно кратко време од само две седмици. Искачувањата се направени на 10 и 15 Мај 2009 година.
Првото искачување направено на 10 Мај резултирало со нова насока наречена Meltdown (1,300m, ED3 V M6 R), а при второто качување на15 Мај, првенствено ја искачиле насоката For Whom the Bell Tolls (1,150m, ED2 V WI6 and mixed). Добар назив за состојбите во македонскиот алпинизам.
Првенствено искачување на врвот Point 6.134 m во Sichuan, Кина.
Руските алпинисти Михаил Михаилов и Александар Ручкин направиле првенствено искачување на досега неискачениот врв Point 6.134, висок исто толку метри, во Sichuan, Кина.
Насоката по која е искачен врвот е долга 1000 метри и истата е качена со пет биваци. Инаку првичната намера на Русите била да се искачат по првенствена насока во Југоисточната страна на врвот East Gongga, висок 6.618 метри, меѓутоа заради лошото време стигнале до 5.500 метри и биле принудени на измени во планот.
Американските алпинисти David Gottlieb и Joe Puryear направиле првенствено искачување на врвот Jobo Rinjang (6,778 метри), Непал, на границата со Тибет.
Врвот е искачен преку директна насока низ 1,700 метри високата Јужна Страна на масивот Lunag, искачувајки се на сателитскиот врв Jobo Rinjang висок 6,778 метри. Искачувањето е направено од 21 до 24 Април 2009 година.
И кај нив, како и во претходниот случај, првичната намера била да се искачи врвот Lunag I (6,895 метри), меѓутоа после анализата направена под самата планина, донеле заклучок дека првичната идеја е премногу ризична, заради што се одлучиле за Jobo Rinjang, сателитски врв во масивот Lunag.
Денис Урубко се искачи на Cho Oyu.
Казахстанскиот алпинист Денис Урубко во придружба со Борис Дедешко, исто така од Казахстан, се искачи на Cho Oyu, последниот од четиринаесете врвови повисоки од 8000 метри, што му недостасуваше во неговата „колкеција 14 х 8.000“. Врвот е искачен по првенствена насока во многу тешката Југоисточна страна на Cho Oyu висока 2.800 метри.
Инаку, оваа страна на планината важи за еден од најголемите хималајски проблеми и претходно повеќе пати беше цел на врвните алпинисти од светот, меѓудругото имаше и планови за соло искачувања од Томаж Хумар и своевремено од Томо Чесен.
Југоисточната страна на Cho Oyu за прва пат е искачена во 1978 година од австриски тим, а во 1985 година полска експедиција направи зимско искачување.
Неуспешен обид на швајцарскиот алпинист Ueli Steck за слободно качување на Golden Gate на El Capiten.
Ueli Steck не успеа во својот обид за слободно качување на насоката Golden Gate на El Capiten со тежина од 5.13.b, долга 41 јажева должина. Steck успеал да ја качи на onsight целата насока со исклучок на само еден дел - пукнатина со релативно мала тежина - 5.11.с, пред самиот врв на Капитен. Причина за паѓањето било подлизнување на влажна карпа и секако, барем според него, намалената концентрација.
Инаку за време на качувањето Ueli Steck бил придружуван (и осигуруван) од неговата млада (нова) сопруга Nicole Steck. Известувачите велат дека новата Госпоѓа Steck не била почестена со меден месец. Можеби затоа и се подлизнал.
Маркантни искачувања на браќата Riegler во Доломитите.
За време на католичките велигденски празници во Април оваа година, браќата Florian и Martin Riegler направија две забележливи искачувања.
На 7 Април тие изведоа прво on-sight искачување на насоката "Karies" (7с, 300 метри) на врвот Sassolungo, а на 11 Април слободно искачување на насоката ‘‘Zauberlehrling‘‘ (7с, 750 метри) на Cima Scotoni. Тешки искачувања на крајот на зимската сезона.
Toni Lamprecht искачи насока со тежина 5.15.
Германскиот качувач Toni Lamprecht ја искачи насоката Jaws 11 оценета со тежина 5.15. (9 по француската скала) што се наоѓа во качувачкиот локалитет Kochel во јужниот дел на Германија. Проектот е стар 15 години, кога се поставени експанзионите клинови во насоката, меѓутоа неговите сериозни обиди за качување на насоката започнуваат во есента 2009 година.
Спортско, алпинистичко, традиционално, конзервативно, чисто, нечисто..., како сакате наречето го, меѓутоа, тоа е импресивно достигнување.
Maurizio Manolo Zanolla ја качи спортската насока Thin Ice - 8с, во качувачкиот локалитет Terlago.
На 25 Април оваа година италијанскиот алпинист Maurizio Manolo Zanolla ја качи спортската насока Thin Ice - 8с, во качувачкиот локалитет Terlago во Италија.
Manolo или како уште го викаат ‘‘магионичарот‘‘, со ова искачување покажа дека и во 51 година од животот може да се биде квалитетен качувач.
Претходно, во Јануари 2008 година, Manolo ја искачи насоката Bimbaluna 9a/9a+ во локалитетот Saint Loup во Швајцарија.
Инаку Manolo е all round качувач со високи достигнувања во сите алпинистички и качувачки специјалности.
К. Ц.
Претседател на Македонската Алпинистичка Асоцијација
Остра Карпа - Качување и Извидница
17.05.2009
Во Неделата на 17 Мај 2009 година, екипа на Македонската алпинистичка асоцијација составена од алпинисти од клубовите Матка, Астрајон, Плоча и Скала, качуваа во алпинистичкиот локалитет Остра Карпа, на Селечка Планина крај Прилеп.
Цел на посетата на локалитетот беше повеќекратна. Пред се да се направат неколку искачувања и да се извиди состојбата за организирање алпинистички собир кој ќе се одржи во деновите од 23 до 25 Мај (наредниот викенд). Едновремено тимот за маркетинг работеше на прибирање фото и видео материјал што ќе биде употребен за алпинистичкиот водач за македонските алпинистички локалитети кој е во изработка.
И покрај тоа што од качувачки аспект гледано, времето не им беше идеално наклонето, Аце Дончев кој беше задолжен за фотографирањето, вели дека е задоволен од условите за правење фотографии.
Покрај извидување на локациите за организирање логор и на пристапните патеки, како и на условите во самата карпа, момците од екипата си искористија малку и да покачуваат. Искачени беа насоките „Мајсторот“ и „Верда Стело“ како и неколку болдери.
Доколку се сумираат импресиите од посетата на локалитетот се наметнува единствен заклучок - огромна штета што толку долго време локалитетот беше непосетуван.
Раководството на МАА ќе направи сериозни напори да се надокнади одсуството и да се збогати локалитетот со некоја нова насока.
Екипата на МАА ја сочинуваа: Александар Дончев, Зоран Мајсторски, Бобан Стојанов, Крунослав Аџиевски и Горан Самоников.
Погледнете ги фотографиите направени за време на посетата на локалитетот во Неделата и нормално, се гледаме идниот викенд на Остра Карпа.
Кликнете на фотографиите за поголема разлуција.










